Проектот „Јавен простор“, во соработка со КЦ „Точка“, објавува
ЈАВЕН ПОВИК
до граѓаните на Скопје за доставување предлози за измена на имињата на скопските улици, мостови, паркови и плоштади
Градот Скопје не се дефинира преку зградите и другите објекти. Овој град го дефинираат неговите жители, со своите семејни, пријателски, работни односи, со своето знаење и делување. Тој не е составен од минатото, туку од сегашноста која постојано ја создаваат луѓето кои живеат во него.
Јавните простори во градот, како што се плоштадите, парковите, улиците и мостовите, кои им припаѓаат на сите граѓани, треба да го одразуваат тој факт. Тие треба да ги носат имињата на луѓето кои денес живеат и делуваат во овој град, да го слават секој од нас а не само историските личности. Тие треба да ги обележуваат важните моменти од нашите животи, а не минатото.
Затоа, почитувани сограѓани, ве повикуваме да предложите нови имиња за јавните простори во нашиот град. Да ги именуваме според:
- сегашни жители на Скопје кои се добри родители, партнери, пријатели, соседи, соработници
- датуми кои означуваат важни настани во нашите секојдневни животи (родендени, свадби, веридби и сл.)
- нашите омилени нешта, како што се бои, мириси, активности и сл.
Вашите предлози со кусо објаснување (не подолго од половина страница) доставете ги тука или по пошта на КЦ Точка, „Антонио Грубишиќ“ 6, 1000 Скопје. Сите предлози ќе бидат проследени до Советот на град Скопје.
Да го направиме Скопје навистина наш град.
(објавено во „Дневник“ на 08.10.2008)

0 comments:
Post a Comment