Конципиран како серија апстрактни дигитални отпечатоци за билборди, изложени како мегалајти на најфреквентните улици во Скопје, целта на овој јавен уметнички проект е да се реапроприра комерцијално узурпираниот јавен простор за уметнички намени. Под наслов „Апстрактна политика“, оваа серија дигитални отпечатоци за билборди користи широка палета на уметнички стратегии традиционално поврзани со апстракцијата (ослободителната моќ на алеаторноста, хаосот, гестот), истовремено реконтекстуализирајќи ги истите и преведувајќи ги во јазикот на новите медиуми.
Како дел од реализацијата на проектот, две дела беа изложени на мегалајти (3х4 м) на улиците на Скопје, во периодот 20 февруари - 1 април 2008. Локациите на кои делата беа поставени (ул. „Климент Охридски“) обезбедија оптимална видливост на проектот:
првата пред зградата на Владата на Република Македонија,
а втората на една од најфреквентните раскрсници во центарот на Скопје:

На мегалајот е наведен авторот, насловот на делото, димензиите, годината на изработка и медиумот, т.е. Зоран Попоски, „Апстрактна политика 1 (Политичкиот консензус е клучен за европската интеграција“, дигитален принт, 3х4 м, 2008. Наведена е и адресата на веб сајтот со документација за проектот: www.public-space.info каде може да се добијат повеќе информации за концептот и процесот.
Делата беа изложени во период од 1,5 месеци. Во тој временски период, веб сајтот со проектната документација забележи вкупно 467 посети.
Документацијата на процесот и 10 дигитални отпечатоци на форекс беа изложени во Културниот центар Точка во Скопје, во периодот 28 февруари - 5 март 2008. Во прилог следуваат неколку фотографии од изложбата:







