Showing posts with label уметност. Show all posts
Showing posts with label уметност. Show all posts

18.4.08

Конципиран како серија апстрактни дигитални отпечатоци за билборди, изложени како мегалајти на најфреквентните улици во Скопје, целта на овој јавен уметнички проект е да се реапроприра комерцијално узурпираниот јавен простор за уметнички намени. Под наслов „Апстрактна политика“, оваа серија дигитални отпечатоци за билборди користи широка палета на уметнички стратегии традиционално поврзани со апстракцијата (ослободителната моќ на алеаторноста, хаосот, гестот), истовремено реконтекстуализирајќи ги истите и преведувајќи ги во јазикот на новите медиуми.

Како дел од реализацијата на проектот, две дела беа изложени на мегалајти (3х4 м) на улиците на Скопје, во периодот 20 февруари - 1 април 2008. Локациите на кои делата беа поставени (ул. „Климент Охридски“) обезбедија оптимална видливост на проектот:

првата пред зградата на Владата на Република Македонија,

а втората на една од најфреквентните раскрсници во центарот на Скопје:

На мегалајот е наведен авторот, насловот на делото, димензиите, годината на изработка и медиумот, т.е. Зоран Попоски, „Апстрактна политика 1 (Политичкиот консензус е клучен за европската интеграција“, дигитален принт, 3х4 м, 2008. Наведена е и адресата на веб сајтот со документација за проектот: www.public-space.info каде може да се добијат повеќе информации за концептот и процесот.


Делата беа изложени во период од 1,5 месеци. Во тој временски период, веб сајтот со проектната документација забележи вкупно 467 посети.

Документацијата на процесот и 10 дигитални отпечатоци на форекс беа изложени во Културниот центар Точка во Скопје, во периодот 28 февруари - 5 март 2008. Во прилог следуваат неколку фотографии од изложбата:

27.2.08


Првото дело од овој јавен уметнички проект („Апстрактна политика 1“, дигитален принт, 2008, 300х400 см) е изложено како мегалајт во центарот на Скопје на улица „Климент Охридски“, на раскрсницата со „Илинденска“, со што и официјално започна реализацијата на проектот.

26.2.08

Опис на проектот

Овој уметнички проект е конципиран како серија од апстрактни дигитални принтови за билборди поставени на најфреквентните улици во Скопје, како начин комерцијално узурпираниот јавен простор да се ослободи за уметнички намени.

Како простор или место создадено или одржувано од јавен орган, јавниот простор би требало да им биде достапен и ставен на користење на сите граѓани. Како простор што го делат сите граѓани, јавниот простор е еден од најважните извори на локалниот идентитет. Освен тоа, јавниот простор е местото каде што граѓаните стапуваат во комуникација и интеракција со другите и се занимаваат со јавни прашања, па затоа е и предуслов за „јавна слобода“ (Арент).

Сепак, јавните простори се под удар на нагласена комерцијализација и узурпација на јавниот интерес. Примерите вклучуваат организирање на комерцијални настани кои го попречуваат пристапот до јавните паркови и плоштади, дизајнот на продавниците/излозите кои се наоѓаат на/околу јавните места (со што се испраќа порака дека тие веќе не го претставуваат локалниот идентитет), како и пролиферацијата на надворешното рекламирање кое го уништува карактерот на природните и историските урбани простори. Кога комерцијалните интереси ќе стекнат преголемо влијание врз јавниот простор, резултатот е исчезнување на чувството на заедничка сопственост на тој простор (чувството дека тој простор како јавен им припаѓа на сите граѓани) проследено со ерозија на граѓанскиот идентитет.

Процес

Процесот на создавање на делата од овој циклус (наречен „Апстракна политика“), може да се илустрира преку првото дело во серијата, насловено „Евроинтеграција (Политичкиот консензус е клучен за евроинтеграцијата)“ (дигитален отпечаток, 2008, 300х400 см).

01-eu-integration.jpg

Појдовна основа во процесот се медиумите, или поточно новински текстови на политички теми во Македонија и на глобално ниво кои се обработуваат прво наративно, а потоа апстрактно. Во случајов, двостепениот процес започнува со веста за политичкиот дијалог во Македонија, насловена Political consensus holds key to European integration. Во современата, дигитална верзија на принципот на алеаторност, насловот се пребарува во Google Images, а добиените резултати од пребарувањето (фотографии/слики/графикони) служат како суровина која подоцна дигитално се обработува (види снимка од мониторот).

screenshot-01.jpg

Во конкретниов случај користев 21 случајно избрани слики (фотографии, мапи, графици) дадени подолу, од вкупно 400, кои беа дигитално обработени за да се добие конечниот резултат (дигитален отпечаток, 300х400 см).

contact-sheet-1.jpg

Делото 2 во серијата „Апстрактна политика“ започна со веста насловена At least 14 killed in separate attacks in Iraq („Најмалку 14 загинати во одвоени напади во Ирак“), од 17.12.2007. Пребарувањето на насловот во Google Images донесе околу 2500 резултати, меѓу кои фотографии на Џорџ Буш, 11 септември, војници, географски карти, Славој Жижек, итн.

screenshot-02.jpgcontact-sheet-2.jpg

Користев околу 40 слики, случајно избрани од резултатите од пребарувањето, кои дигитално ги обработив за да го создадам вториот дигитален отпечаток во серијата.

Конечниот производ, насловен „14 killed in Iraq (полн наслов: At least 14 killed in separate attacks in Iraq“):

02-14-killed-in-iraq.jpg

Делото 3 започна со новински текст за можноста за нова војна на Балканот предизвикана од независноста на Косово, насловен Antidote to nationalism (Противотров за национализмот), објавен во Гардијан на 03.12.2007. Пребарувањето на насловот во Google Images резултираше со над 90 слики, меѓу кои Статуата на слободата, Џорџ Буш, оружје, демонстранти, Босна, „безбедносната ограда“ во Израел, книги, географски карти, повторно Славој Жижек, итн.

screenshot-03.jpgcontact-sheet-3.jpg

Искористив 56 слики (погоре) за да го направам следниот дигитален отпечаток, насловен „Antidote to Nationalism“:

03-antidote-to-nationalism.jpg

Делото 4 започна со веста на Би-Би-Си за неодамнешните безбедносни проблеми во Македонија, насловена Macedonia clash leaves two dead (Судирот во Македонија остави две жртви, 10.09.2007). Пребарувањето на насловот во Google Images донесе околу 50 слики (види ја снимката на екранот), меѓу кои географски карти (за чудо главно од Ирак - повторно), војници, АБА, Аристотел, Абрахам Линколн, борбени авиони, папагали и фудбал.

screenshot-04.jpgcontact-sheet-4.jpg

Крајниот резултат е следниот дигитален отпечаток, насловен "Macedonia clash (leaves 2 dead)":

04-macedonia-clash.jpg

Делото 5, насловено "The name issue (Greece and Macedonia to restart talks on name)", започна со написот на Њујорк Тајмс од 06.12.2007 за спорот меѓу Грција и Македонија, под наслов Greece and Macedonia to Restart Talks on Name. Пребарувањето на насловот во Google Images донесе 177 резултати (подолу):

screenshot-05.jpg

Резултатите од пребарувањето ги вклучуваа веќе вообичаените карти, воени авиони, тенкови и други видови оружје, американски војници (се појавија во сите пет пребарувања), како и некои поинтересни работи како што се разни видови јадења/храна, имитатори на Елвис, шумски пожари, фудбал и сл.

contact-sheet-5.jpg

Искористив вкупно 86 слики (погоре) за да го изработам следниот дигитален отпечаток:

05-the-name-issue.jpg

Зошто апстрактна политика?

Овој проект го користи вокабуларот на апстрактната уметност, навидум најаполитичната од сите видови визуелна уметност, за пренесување на политичка порака/содржина. Навидум аполитична, бидејќи апстрактната уметност има долга историја на општествена и политичка критика, како и на утописка визија. Но, каде е политичкото во апстрактната уметност денес? Има ли апстракцијата капацитет да одговори на современите предизвици и да не остане нема за проблемите на милиони луѓе? Доволен е само поглед врз меѓународната уметничка пракса прикажана во галериите, музеите, биеналињата за да заклучиме дека отсуствува политички ангажирана апстракција (а најчесто и каква било апстракција). Можеби причината за тоа лежи во фактот што во овие времиња на војна и несигурна иднина, уметниците, кустосите и публиката повеќе сакаат одговори (кои разните видови на наративна/фигуративна уметност се повеќе од подготвени да ги понудат, па дури и во инстант облик), отколку да талкаат без одговор по ничијата земја на апстрактната уметност, која нуди само прашања.

Дигиталните отпечатоци од овој циклус ги деконструираат деструктивните реалности на современиот национален и глобален политички систем, користејќи дел од широката лепеза на традиционалните уметнички стратегии на апстракцијата (ослободителната моќ на алеаторноста, хаосот, гестот), истовремено реконтекстуализирајќи ги во јазикот на новите медиуми.